Свети апостол Тома е еден од дванаесетте славни Исусови апостоли. Тома на еврејски јазик значи близнак, но апостолот Тома најчесто е познат како Неверен Тома. Роден е во Панеида, мало гратче во Галилеја. Бил верен следбеник на Исусовото учење и присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот.
Кога Исус по воскреснувањето им се јавил на неговите ученици меѓу нив не бил Тома. Кога тие му кажале дека го виделе Спасителот, Томо не верувал и оттука е наречен Неверни Томо.
„Томо еден од дванаесетте наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа:„Го видовме Господа“. А тој им рече:„Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив.Дојде Исус кога вратата беше заклучена застана помеѓу нив и рече:„Мир вам!“ Потоа му рече на Тома:„Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои и не биди неверлив, но верлив“. Одговори Тома и му рече:„Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече:„Тома ти поверува оти ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале“. (Евангелие по Јован)
Кога по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите овие се растуриле по цел свет за да го шират Исусовото учење, Тома отишол во Индија. Се претставувал како мајстор-ѕидар, а го проповедал христијанството. Таму бил и кога умрела Богородица и на таинствен начин пристигнал три дена по погребот. Многу жалел поради тоа и побарал од апостолите да го отворат гробот и да ја види Божјата мајка. Но кога му ја исполниле желбата и кога го отвориле ковчегот телото на Богородица не било тука. Таа воскреснала и отишла кај својот син. Потоа Томо пак се вратил во Индија каде што многу неверници придобил кон христијанската вера. Откако ги придобил и жената и синот на царот Миздија, овој наредил да го убијат. Војниците го изболе со копја надвор од градот, а неговите приврзаници го погребале како што му прилега.
Јасминка Т. Момироска