Свети Мелетиј живееше и делуваше во четвртиот век. Тоа е век на големи превирања, но и на големи сведоштва во Црквата. Еден од тие големи сведоци беше и овој Мелетиј. Како православен епископ беше испратен на заточение од аријанските цареви, но до крајот остана тврд во верата. Голем духовник кој се грижеше за духовниот раст на такви светители, како Василиј Велики, Јован Златоуст, Симеон Столпник…

Житие за Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски

Овој голем и свет маж беше извонреден толкувач и заштитник на Православието. Сиот негов живот беше посветен на борбата против Ариевата ерес којашто не Го признаваше Синот Божји за Бог и хулеше на Пресвета Троица. Еретиците трипати го оддалечуваа од неговиот архиепископски престол на прогонство во Ерменија.

Борбата меѓу православните и еретиците се водеше толку огорчено, што еднаш кога Св. Мелетиј му зборуваше в црква на народот за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, притрча и му ја затвори устата на владиката со рака. Не можејќи да зборува со јазикот Мелетиј зборуваше со знаци. Имено, ја подигна раката нагоре, ги отвори прво трите прста и му ги покажа на народот, потоа ја склопи раката и подигна еден прст. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор, каде што уживаше особени почести од страна на царот Теодосиј. На тој Собор Бог покажа чудо преку овој свет архиереј. Кога Мелетиј им ја докажуваше на ариевците догмата за Света Троица, тој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно.

Во тој миг пред сите присутни од неговата рака блесна светлина како молња. На тој Собор Св. Мелетиј го утврди Григориј Богослов на Цариградскиот престол. Порано тој го заѓакони Св. Василиј Велики, а го крсти Св. Јован Златоуст. По завршувањето на Соборот го заврши својот овоземен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.

OhridNews