Најмладиот од дванаесетте Христови апостоли и еден од четворицата евангелисти, Јован, е наречен апостол на љубовта. Роден е во Витсаида на брегот на Галилејското Езеро и е помлад брат на апостолот Јаков. Мајка му Саломија нила ќерка на Јосив, кај кого живеела Богородица по напуштањето на божјиот храм.
Јован бил рибарт и со брат му и татко му ловеле риби на езерото. Еднаш кај нив наминал Исус и ги повикал Јован и Јаков, а тие веднаш му се придружиле. Исус бил посебно наклонет на Јована, поради што овој присуствувал на сите поважни настани од Христовиот живот. Заедно со Јаков и Петар присуствувал на Преображението на Исус, тројцата биле заедно и кога Исус ја воскреснал Јаировата ќерка, за време на тајната вечера седел до Исус и кога овој претскажал дека ќе биде предаден од еден од апостолите Јован се осмелил да го праша кој ќе биде тој што ќе го предаде. Кога Исус бил фатен сите ученици дсе разбегале само Јован одел по него кон губилиштето, присуствувал на распнувањето и сочувствувал при овој чин заедно со Богородица и Марија Магдалена. По погребот на Исус и по воскреснувањето кога жените соопштиле дека го нема телото во гробот, Јован прв се сетил дека Исус е воскреснат. Најголема чест Исус му направил кога во претсмртниот час му ја оставил мајка си да ја чува: „А Исус, штом ја виде мајка си и ученикот кого го љубеше, како стои, и рече на мајка си: „Жено ете ти син!“ потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеда при себе“.
И подоцна Исус му се јавувал на Јована, а еднаш му раскажал за иднината на неговата црква. Според ова јавување, Јован го напишал своето дело „Откровение“. Напишал и други дела, познати се трите посланици. Од неговите дела се гледа дека бил талентиран писател и дека имал моќ да ги разјасни најдлабоките тајни на Христовата наука, поради што е наречен Богослов. Според божјата волја доживеал длабока старост. Умрел на 105 години од природна смрт, а од гробот долго излегувала прашина од која многу болни се излекувале.
Јасминска Т. Момироска