Православните Христијани денеска го одбележуваат празникот Собор на Св. Јован Крстител. Црквата утврдила овој празник да се прославува веднаш после празникот Боголавление. Тоа е затоа што главната служба на Свети Јован, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.
Во младоста Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години по божја воља ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Во тоа време Исус се подготвувал за учител. Но според тогашните закони учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован кој дотогаш не го има видено, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот Јован го одвраќа велејќи му: „Јас треба од тебе да бидат крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“ Но кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.
Јован постојано ги проповдал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв.
Во времето кога Јован проповедал во Палестина, во Галилеја владеел Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прославил со својот расипан карактер. Овој наследил некои особини од татко си, па ја избркал својата законита жена и живеел незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекорувал и го разобличувал за тоа, па Ирод го затворил. Во една прилика Ирод приредил гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхитила Ирод со својата страсна игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и ветил се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка си, која не можела да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побарала главата на пророкот. Ирод наредил и Јован бил обезглавен. Иродијада продолжила да се изживува над мртвата Јованова глава и го избодела неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопал главата на свети Јован Крстител.
Јасминка Т. Момироска