Верниците
од исламската вероисповед денеска го слават верскиот празник Рамазан
Бајрам, со кој завршува светиот месец Рамазан и се означува крајот на
едномесечниот пост.


Рамазанските
пости претставуваат една од основните обврски на муслиманските верници.
Прославата за рамазанскиот – Бајрам трае три дена. На првиот ден се
извршува утринска молитва – Бајрам Намаз, а во состав на прославата се
разменуваат подароци и се посетуваат роднините и пријателите.


Исламското учење вели дека во тој месец е објавена светата книга Куран.

По повод големиот исламски празник  директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска,  упати честитка до претседателот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед.

– Празнувањето и почитувањето на овој голем празник претставува уважување на нашите заеднички заложби во зачувувањето на вредностите кои го градат битието на меѓучовечкото разбирање и хармонијата во нашата татковина. Убедена сум дека со вашиот авторитет и заложбите на Исламската верска заедница ќе продолжиме во натамошното почитување и унапредување на ваквите вредности и зближувањето на сите граѓани од различна вероисповед во Република Македонија“, се вели во честитката од Божиновска.

ohridnews