Православните христијани денеска го одбележуваат празникот посветен на Света преподобна Параскева (Св. Петка).
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што во народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со Петка Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, (во стариот завет саботата била празник, а не неделата) бил ден за подготовки пред празникот. Во петокот евреите се подготвувале за саботата. Параскева значи подготовка.
Света Параскева (Петка) според која се празнува денешниот ден е родум од градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ биле богати и благочестиви христијани, а освен Петка имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизувала до својата старост. На старост еднаш ѝ се јавил ангел Божји и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Тука таа поживеала уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предала својот дух на Бога. Се упокоила во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.
OhridNews