Преподобен Дометијан се роди во времето на цар Константин Велики во Персија. Се роди во незнабожечко семејство, па како незнабожец и порасна. Во младоста се запозна со верата во Христа и се крсти.

Наскоро се замонаши во еден манастир крај градот Низибија. По некое време се повлече во пустина, за таму да го продолжи подвигот. Толку се исчисти од гревот и страстите што Бог му даде дар да исцелува секакви маки и болести. Пострада за време на повампиреното паганство, кога во Рим царуваше отстапникот од црквата Јулијан.

Самиот Јулијан нареди жив да го заѕидаат овој светител заедно со двајца негови ученици во пештерата во која се подвизуваа. Така пострада маченички свети Дометиј во 363 година.