Иако, кај нас, основното и средното образование се задолжителни за сите граѓани, сепак, над 18.500 деца не се вклучени во системот на образование, а најмалку 2000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа. Тие се и најчестите жртви на злоупотреба.
Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5-17 години чиј труд се злоупотребува. Од нив, околу 186 милиони имаат помалку од 15 години. Поразувачки е фактот дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години кои работаат со полно работно време и најчесто во лоши работни услови.
Злоупотребата на детскиот труд подразбира работа на деца кои се под возраста одредена со закон. Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ потсетуваат дека злоупотреба на детски труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), трговија со деца, како и деца- војници.
Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд се обележува насекаде низ светот со активности чија цел е да ја подигнат свеста кај луѓето за глобалниот проблем на злоупотреба на детскиот труд и потребата за креирање и спроведување политики и активности за борба против искористувањето на децата. „Образованието-одговор на детскиот труд“ е годинешното мото на овој ден.