Загинатите во пожарот што на 16 март се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ќе бидат погребани денеска. Во трагедијата животот го загубија 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе има во Штип, Пробиштип, Кочани, Облешево, Струмица, Скопје во различни периоди.
Штип ќе се прости од петмина загинати во пожарот во дискотеката во Кочани: Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.
Граѓаните на Пробиштип ќе се простат со тројцата свои сограѓани: Тоше Тодоровски полициски службеник, Матеј Марковски и Никола Насевски.
Најголем број од загинатите се од Кочани кои ќе бидат погребани денеска на пладне на градските гробишта. Погребната церемонија ќе ја предводи поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со неколку владици. Владата донесе одлука денешниот ден да биде прогласен за неработен во Кочани. Здравствените, образовните установи и градинките треба да организираат вршење на услуги согласно потребите, Министерството за внатрешни работи се задолжува да преземе потребни безбедносни и сообраќајни мерки, а Министерството за здравство, во соработка со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица на Кочани, треба да преземат мерки согласно нивната надлежност. Исто така, владата во соработка со Здружението на новинарите на Македонија и Синдикатот на медиумски работници донесе протокол за етичко информирање од страна на медиумите за време на погребните церемонии.
Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот ќе бидат погребани денеска во Скопје и Струмица. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.
Г.М.
Фото: МИА