Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) од Општина Охрид, во соработка со Советот, Градоначалникот, соодветните служби во Локалната самоуправа и неколку невладини еколошки и спортски здруженија, ги повикува сите граѓани да се приклучат кон одбележувањето на 22-ри Септември – Меѓународниот ден без автомобили.

Се повикуваат сите возачи во Општина Охрид, денес, да се воздржат од користење на своите автомобили и да ги користат само ако тоа е навистина неопходно. Денешниот ден треба да биде ден на СТОП за непотребното користење на автомобилите, затоа што постојат и други, алтернативни видови на превоз, кои им се на располагање на нашите сограѓани (споделување и заедничко користење на автомобилите од повеќе лица, користење на возилата за јавен превоз, мопеди, велосипеди, тротинети, ролери, пешачење).

Од оваа година и Охрид влегува во редот на европските и светските градови, кои го одбележуваат 22-ри септември – Денот без автомобили, кој како европска иницијатива започна да се одбележува во 2000 година. Овој ден е замислен како можност градовите да ја покажат својата загриженост за прашањата поврзани со заштитата на човековата околина и безбедноста во урбаниот собраќај.

Со почеток во 13:00 часот, ќе биде организиран и „алтернативен марш“, на кој се поканети да земат учество сите граѓани кои се заинтересирани да придонесат за одржување на здравата животна средина. Алтернативниот марш ќе се реализира од кружниот тек кај градското пристаниште до мостот над каналот кај Билјанини извори, а улицата „Кеј Маршал Тито“ во тоа време ќе биде затворена за сообраќај на автомобили и други моторни возила.

OhridNews