Утре, петок, охридскиот Народeн театар премиерно ќе ја изведе претставата „Каде е пиштолот?“ од унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, а во режија на Дејана Николовска.

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

  • Текстот е исклучително интересен, темата на власта, која на овој начин, досега не е среќавана во театар, поради што и ми беше огромен предизвик да ја режирам.  Мислам дека убаво ќе легне на нашата почва која е преоптеретена со темата на смена на власт, кога дел од луѓето со промената губат, дел добиваат. Токму тоа им се случува на ликовите од претставата што ја прави исклучително актуелна, вели Дејана Николовска, режисер на претставата.

Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.

  • Ова убаво театарско парче е порака до сите нас дека не смееме да си играме играчки со луѓето. Театарот служи да пренесуваме сериозни пораки до човештвото, вели актерот Горан Стојаноски кој во претставата ја игра улогата на Цуки.
  • Извонреден добар пример, приказна која им овозможува на гледачите од страна, многу комотно да изгледаат што се случува кога некој доаѓа и си оди од власт. Зошто власта е она што е најважно. Што би можело да биде поважно од тоа?, додава актерот Никола Тодороски.

Сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан, кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска, инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.

Премиерата на 28 декември, ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот. Денес, 27 декември, претпремиерно ќе биде изведена исто така во 20 часот.

Цената на влезниците за претпремиера изнесува 200, а за премиера 250 денари.

OhridNews