Денес официјално ќе биде отворен пливачкиот базен „Атина Бојаџи” за пливачката сезона 2022. Како што претходно информираа од Општина Охрид изминатиот период беше извршена реконструкција на базенот која опфати санирање и фарбање на коритата на олимпискиот и детскиот базен, како и уредување на трибините.
Најважно е што ќе стартуваат со работа пливачките школи за млади. Ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спотови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови, потенцираа во соопштението.
При тоа најавија дека Охрид ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање, на кое покровител е општината.Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство со што ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации, а во јули и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“, потенцираат.
Инаку, реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“, а најавата е дека следната година ќе има дополнителни инвестиции во уредувањето на просторот околу базенот.
OhridNews