Кома и Шин пред охридската публика ќе изведат музичко поетски перформанс, по што се познати во многу делови од светот, што не може да се каже за овие простори. Кеико кома е извонредна поетеса, а Идаки Шин изведува традиционална јапонска музика.
Кеико Кома и Тадамитсу Саито (алијас Идаки Шин) се имиња за кои на овие простори малку кој слушнал. Нивната комбинација поезија плус музика резултирала со преку 200 концерти, перформанси низ целиот свет, па дури и во Карнеги Хол во Њујорк 1995, на Акропол, Грција 1999, Персеполис, Иран во 2004 година итн.
Но, кои се овие луѓе и зошто се во Охрид? Г-ѓа Кеико Кома и г-динот Тадамитсу Саито за Охрид слушнале за време на посетата и одржувањето концерт во Велико Трново, Бугарија мината година. Беа и гости на градоначалникот Петрески во февруари годинава, кога шетаа низ Охрид и се „хранеа“ со инспирација за креирање стихови и музика. Пред неколку дена тие одржаа концерт токму во Велико Трново, утревечер се во нашиот град, а „турнејата“ ја завршуваат на 16-ти овој месец во Битола.
По повод настапот во Охрид, Идаки Шин и Кеико Кома денеска беа примени од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, каде уметниците од далечниот исток објаснија каков перформанс спремаат. Иако далеку од тоа дека на концертите се неприпремени – напротив, сепак Охрид им дава инспирација за оригинално творештво и импровизација.
„Овој концерт има подлабоки корени и поголемо значење отколку што изгледа на прв поглед“ рече градоначалникот Петрески. „Јапонија е голема земја со голема традиција и историја. Фактот што овој концерт ќе биде на интернет, во живо, ќе значи многу за Охрид и Македонија. Јапонците многу патуваат и мораме тоа да го искористиме, да го претставиме Охрид. Најблиску што досега доаѓале јапонски туристи е Грција. Убеден сум дека ќе почнат да доаѓаат и овде, во Охрид.“ додаде Петрески кој на уметниците им подари слика и копија од охридската „Златна маска“.
„Мојата музика ги буди луѓето да ја возобноват својата првична моќ на животот, ги охрабрува луѓето да прескокнат преку секоја тешкотија и да живеат полн и среќен живот“ изјавува Идаки Шин.
Да го парафразираме градоначалникот – ништо нема да разбереме додека не видиме и чуеме. Концертот е вечерва на Антички театар. Почеток во 21.00 часот. Влезот е бесплатен.