Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, денска по втор пат треба да расправа за загрозеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, кој поради негрижа во изминатите три децении, е под закана да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.
Случајот еднаш веќе беше рзгледуван на 43 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку, пред два дена. Тогаш македонската делегација побара одложување на одлуката и нов временски рок да постапи по 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Заклучено беше, целиот случај да се разгледа уште еднаш во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро, кое ќе биде разгледано денеска.
Стручната јавност смета дека во моментов најдобро за Охрид е државната делегација во која е и градоначалникот Георгиески, да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО. Според неа ставањето на Охрид на оваа листа не значи тргање на заштитата на УНЕСКО, туку нејзино зајакнување.
Во 2017 година, Реактивната мисија на УНЕСКО утврди сериозно загрозување на заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион и испрати 19 барања за подобрување на состојбите. Од нив целосно се исполнети само три, што според стручњаците, е аргумент повеќе да биде побарана меѓународна експертска помош за зачувување на универзалните вредности на Охрид.
OhridNews