Денес (08.07) и утре (09.07) започнува летното кино со автомобили Summer Drive-in Cinema во склоп на настаните од шестото фестивалско издание на алтернативното културно-забавно лето „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.
И оваа година, дозволете си да отпатувате назад во времето, на нашиот специјален настан – летно кино со автомобили. Придружете ни се на овие две ноќи под отворено небо, да ги проследиме едни од најдобрите македонски филмови во моменти на топла носталгија и уште потопли свежи пуканки!, порачуваат од „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.
Според програмата денес ќе се прикажува филмот ТЕ ДУА, ЖИМИ МЕНЕ – македонски филм од 2023 година во режија на Марјан Гавриловски. Улогите ги толкуваат Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ, Ангела Стојановска, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Исмаил Касуми, Мирсад Ибази, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Елдин Широки, Надица Петрова, Руиш Беговска, Талија Настова. Според содржината на филмот маалски џанак, коцкар и армоникаш трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа на несекојдневни ликови.
Во вторник ќе се прикажува филмот ЕФЕКТОТ НА СРЕЌА — македонски филм од 2019 година во режија на Борјан Зафировски. Главните улоги ги играат: Јовица Михајловски, Јана Стојановска, Петре Арсовски, Ана Стојановска. Во филмот се раскажува приказна за потрагата по среќа која им е заедничка на сите луѓе. Леа е млада девојка која го почнува нејзиниот последен предизвик, теза која бара доказ во верувањето дека среќата може да се пренесува, исто како и чувството на тага, осаменост и мизерија.
Влезот ќе биде отворен од 20:00ч, а проекциите започнуваат во 21ч. По почетокот на проекцијата нема да биде дозволено влегување!, посочуваат.
Билетите се по цена од 500 денари по автомобил и можете да ги набавите во Кафе бар Шила или на влез.
OhridNews