На 18 јануари, ден пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Затоа, поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост), и за него е определен еднодневен пост, како воведение во празникот на Просветлението. Мерата на постот за верниците, како и за останатите пости, се определува индивидуално, по силите на верникот и по благослов на духовникот, а сe во склад со Преданието.

Богослужбите на овој ден го пресликуваат поредокот на навечерието на Рождеството Христово – Бадник. Се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија. После входот со Евангелие и молитвата „Светлино тивка“ се читаат тринаесет паримии, затоа што во раната Црква токму на овој ден, и во овој дел од Литургијата се покрстувале сите огласени што претходно се подготвувале за Свето Крштение. Поредокот на остатокот на богослужбата го следи поредокот на Василиевата Литургија. По задамвоната молитва се преминува кон Голем водосвет, по кој сите верни се поросуваат со осветената вода, и пијат од неа. Никој не треба да отстапи од вкусувањето на осветената вода, затоа што поради благодатта на празникот се осветува сета природа и сета твар, и човекот треба да земе учество во оваа Тајна. Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.

Тропар

Кога се вознесе Илија, се поврати тогаш реката Јордан од кожувот Елисеев, и се разделија водите на две страни и водениот стана за него сув пат, како праслика на вистинското Крштение, со кое текот на овој живот го поминуваме: Христос се јави на Јордан, за да ги освети водите.

OhridNews

извор: МПЦ-ОА