Денес во спомен-куќата на Христо Узунов со почеток во 12 часот ќе се одржи Чествување за ликот и делото на Гоце Ангеличин-Жура (1951-2019), нашиот познат историчар на уметност.
Настанот е во организација на д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. За ликот и делото на Гоце Жура ќе говорат археологот Паско Кузман, историчарот на уметност Јорданка Матова, Директорот на НУБ „Григор Прличев“ Охрид м-р Милчо Јованоски и проф. Д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.
Гоце Жура е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви во охридско-преспанскиот регион како и активен истражувач на постоечки и новооткриени сакрални објекти во Охрид. Неговите истражувања резултирале со уникатни откритија драгоцени за македонската наука, како на пример дотогаш неоткриени ликови на св. Климент, а само во последната книга има мапирано 20 базилики и 43 цркви во стариот дел на Охрид. Зад себе има оставено импресивна библиографија од 20 книги и над 60 научни трудови.
Овој настан овозможува охриѓани да се потсетат на нивниот сограѓанин и со своето присуство да му оддадат почит за непроценливиот придонес кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја.
OhridNews