Охридското Езеро е едено од ретките древни слатководни езера старо неколку милиони години и единствено такво во Европа. Сместено на надморска височина од 695 метри, ова олиготрофно езеро длабоко 289 метри, со просечна длабочина од 164 метри и површина од 358 квадратни километри е едно од најголемите езера на континентот и најголем басен со питка вода во овој дел од Европа.
Охридското Езеро се карактеризира со исклучителен биодиверзитет, земајќи ги предвид дури и микроскопските алги. Дел од нив, околу 14%, се сметаат за ендемични видови, а околу 2% се реликтни видови. Во Езерото има исклучително богати и разновидни претставници на фауната, од кои повеќето ендемични. Најпознати секако се Охридската пастрмка и белвица. Регистрирани се 586 макробезрбетници, со нивоа на ендемичност кои се движат од 50 до 90% за одредени групи (рамни црви, олигохети, пијавици, изоподи, водоземци итн.), факт што му дава на езерото печат на водна еколошка средина со најголем процент на ендемични видови на метар квадратен во светот.
Богатата и единствена фауна на Охридското Езеро вклучува различни видови на реликтни форми како што се охридскиот сунѓер (Ohridaspongia rotunda) или многу малиот ендемски полжав (Gocea ohridana). Генерално, најбогата, најразновидна и со највисок ендемизам е групата слатководни полжави (Gastropoda) меѓу кои нивото на ендемизам достигнува 86% од 72 регистрирани видови.
Според проценката на IUCN 28 видови фауна во Охридското Езеро се оценети како ранливи, 17 како загрозени и 10 како критично загрозени, факт што загрижува.
Денешниот ден, 21 Јуни е посветен Охридското Езеро но што „одбележуваме“?
Во Езерото се влеваат четири реки: Черава, Грашница, Далјан и Сатеска. Тие воедно се и најголеми загадувачи. Сатеска дополнително во Охридското Езеро носи големи количини речна песок создавајќи огромни наноси.
Вообичаено на Денот на Охридското Езеро крајезерските градови и општини организираа заедничка прослава на која во главно се искажуваа декларативни заложби за заштита на овој исклучително вреден и важен еко систем. Оваа година го нема ни тоа. Но многу поважно е што всушност се случува реално на полето на заштитата на Езерото.
Колекторскиот систем во кој изминатите години се вложија сериозни средства за санација и рехабилитација, се уште не е целосно заокружен и ефикасно функционален. Езерските населби како Трпејца, Љубаништа, Св. Наум на источното крајбрежје и натаму не се поврзани во системот и сериозно го загадуваат Езерото. Решението е во изградба на долго најавуваните пречистителни станици. Според најавите изградбата ќе почне наскоро, по завршување на потребната документација и проекти, постапка која е во тек.
Слично е и на делови од струшкото крајбрежје каде и натаму продолжува сечењето на трската и урбанизација на делови од литоралот. На албанаскиот дел од Охридското Езеро, пак, очигледно имаат други приоритети, за што говори обидот да се организира трка со формули (брзи глисери) на вода.
Платформите од Охридското Езеро во најголем дел се отстранети, но не и опасноста. Дел од нив, иако нефункционални, се уште стојат во вода и претставуваат опасност како за живиот свет така и за луѓето. Некои од нив се во строгиот центар на Охрид. Во населбата Канео како и во месноста Застава се бетонира во вода и на плажите, во Далјан се насипува песок и друг градежен материјал, во реките се исфрлаат хемикалии и органски отпад од објектите кои не се поврзани во канализациониот систем.
Екологистите постојано укажуваат на загадувањето на Езерото. Отпадот кој нуркачите редовно го вадат во големи количини од езерските води само го потврдува фактот дека еколошката свест кај нас е на многу ниско ниво. А тоа што се случува на копно е толку очигледно, што коментар не е потребен. Се удавивме во сопственото ѓубре.
Со развојот на туризмот, што несомнено е позитивен момент, расте и бројот на пловни објекти на Охридското Езеро. Катамарани, бродови, глисери… Како тие го одлагаат отпадот што го создаваат е сериозно прашање за подлабока анализа. Колку бродови, пак, имаат резервоари за отадни води? Од друга страна соодветна инфраструктура нема. Марина исто така. Делот предвиден за паркирање на пловните објекти не ги задоволува целосно потребите. По каналот Студенчишта неретко пливаат моторни масла и гориво, а брегот се користи како бродоградилиште за правење и поправка на пловни објекти, вклучително и за бојадисување. Тоа што преживува од рибниот фонд во каналот се лови со мрежи, се разбира неконтролирано.
А кога сме кај рибниот фонд состојбите се загрижувачки. Фактот што до скоро, со години немаше порибување со подмладок на пастрмка, но и неконтролираниот излов, масовното рибокрадство, слабата физичка заштита, неефункционалните институции и инспекторски служби, само ја заокружуваат сликита за проблемите со кои се соочува Охридското Езеро, а кои воедно се и најголемите предизвици со кои како цивилизирано општество треба да се соочиме. Системот и надлежните институции посебно. Се разбира доколку можат да го видат Езерото од бетонските градби кои натежнаа изминатите три децении на крајбрежјето.
Честит ден Езеро наше. Чувај се зошто ние не те чуваме доволно!
Горан Момироски