Прогласувањето на 5. Мај за Ден на реката Дрим е идеја и одлука на Дрим Кор Групата која како симболика ги има петте земји кои го делат Дримскиот Басен, но и петте прсти на една рака кои симболизираат заедништво и еден организам. Овогодинешното одбележување се одржува во сите држави во ист ден како порака за цврста решеност за обезбедување на заштита на водените ресурси и квалитетно управување со целокупниот слив. Сливот на реката Дрим е еден од најкомплексните организми и неговото заедничко управување е еден од најголемите предизвици. Со цел да се создадат механизми и атмосфера за заедничко управување, Глобалниот Еколошки Фонд поддржа заеднички Дримски проект кој преку реализација на компонентите треба да ги постави основите на управувањето.
Првата цел е да се направи заедничка Трансгранична дијагностичка анализа на басенот која ќе ги покаже сите проблематични точки во Басенот и ќе ги утврди приоритетите за нивно решавање. Низ тој процес треба да се воспостават заеднички момниторинг систем и размена на податоци и потоа од тоа да се развие Заедничка визија и да се формираат заеднички тела за управување. Паралелно со тоа ќе се изведат и неколку каталитички проекти кои дирекно ќе влијаат во менаџирањето како што се неопходниот Менаџмент план за сливот на Охридско Езеро и процесот за рано предупредување од поплави во дримскиот слив. Сето тоа секако проследено низ силно инволвирање на јавноста во процестите на управување и подигање на свеста за важноста на регионот. Проектот е планирано да трае 4 години после кој се планираат и следни активности за решавање на приоритетните прашања. Финансиран е од ГЕФ, преку УНДП, задолжен за спроведување на Global water partnership со Координаторите во секоја од државите.
Во теоријата на еколошката психологија најважните елементи се нивото на адаптацијата, нивото на стимулација, теоријата на однесувањето и на интегрирањето во самата животна средина. Кога тоа би се пренело на нашето поднебје и ресурси прашањето кое сакам да го поставам е: Дали нашиот сон воопшто е визијата за вредностите кои ги имаме? Дали ние навистина си го сакаме природното и културното наследство? Дали можеби глумиме однесување заради потреба од адаптација и однесувањето? Ми изгледа дека степенот на покажување загриженост е правопропорционален со дневната потреба. Но овие теоретски замисли во еколошката психологија одговорот секако го бараат во практичното делување. Кога го прогласивме денот на Охридското Езеро 21 Јуни, самиот чин беше потценет. До ден денес тој Ден се прославува од страна на локалните самоуправи и е симбол за заедничка грижа за Езерото. Кога регионот Охрид Преспа доби статус на Биосферен резерват на УНЕСКО на 11 Јуни и тој успех остана речиси незабележан. Психологијата на мометот не дозволи еколошката перцепција да ги победи другите моменти толму заради нивото на адаптација и однесување. Можеби и заради фактот или проклетството дека секогаш сме биле чекор пред времето.
Но, ние сме создавале и создаваме. Еве создадовме и Ден на Дрим – 5 .Мај. И натаму ќе содаваме институционални капацитети и меѓународен интерес и поддршка за еколошките процеси и одржливиот развој. Затоа што борбата за здрава животна средина, здрави водни ресурси и развој на регионот базиран на неговите вистински вредности, не престанува. Напротив, ПОЧНУВА
Нека нашиот Dream биде и Дрим. Честит Ден.
Пановски Дејан,
Координатор за ГЕФ Дрим Проектот
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив