Собирот започна кај Спомен – домот на Мајка Тереза, по што поворката се упати пред Собранието, каде откако беше донесена тортата, насобраните демонстранти запалија свеќи, пренесува „Макфакс“.
Братот на Мартин, Александар Нешкоски, со членовите на потесното семејство, ја предводеше поворката и после долго убедување со полицијата, која не ги пушташе да пристапат до влезот на Собранието, успеаа со трчање да ја остават пред влезната врата на законодавниот дом.
„Денеска беа поканети сите и власта и опозицијата и цела Македонија да дојде да даде поддршка да се сплотиме за овој случај да биде расчистен. Овде нема ниту власт, ниту опозиција, народот е оставен сам на себе, па нека ни е Господ на помош“, рече Александар Нешкоски .
Демонстрантите го претставија и рецептот за тортата, наречена „полициска држава“ за која како што рекоа, е потребно „едно убиство, еден килограм свесни лаги и два килограма хиерархиско прикривање“.
„Невкусна е, но сепак нè тераат да ја проголтаме“, рече една од демонстрантите.
Новиот собир за случајот доаѓа по пауза од еден месец секојдневни протести против полициската бруталност и барањата за расчистување на убиството на младиот Мартин Нешкоски, кое се случи за време на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот Македонија во Скопје.
Досега единствен обвинет за убиството е специјалецот Игор Спасов.
извор: „Макфакс“