Едно од главните барања кои ги поднесоа е барањето за оставки од Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и нејзиниот портпарол, Иво Котевски.
„Пред Народниот правобранител на Р. Македонија излеговме со барања кои беа заклучени на протестите против полициското насилство. Омбдусманот кажа дека сериозно ќе ги разгледа сите точки по доставената претставка, и во најскоро време би требало да се произнесат по истите. Верувам во сите кои нè поддржуваа на овој протест, ние и понатаму продолжуваме со протести сè додека не почне нешто да се менува, односно нема да запреме тука само со доставување на овие претставки и понатаму до институциите, сè додека нема промени, додека не го почувствуваме тоа на своја кожа, дека во државава има промени“, изјави за медиумите Петар Стојковиќ, еден од демонстрантите.
Тој потенцираше дека луѓето кои протестираат не планираат да се регистрираат во никакво формално здружение.
Освен оставки, тие побараа и целосно расчистување на случајот со трагично убиениот дваесет и две годишен Мартин Нешкоски од Скопје и одговорност од сите инволвирани во него.
„Бараме формирање на независно цивилно тело со вклучени независни експерти и заедно во соработка со институциите на системот за целосна контрола на единиците на МВР. Бараме нашите барања да бидат доследно чуени и одговорени бидејќи веќе седум дена по ред протестираме, и јавно ги повикуваме институциите да се произнесат. Сè уште остануваме на барањата за одговорност на сите инволвирани полицајци во случајот кои според изјавите биле присутни на местото на самиот инцидент. Бараме оставка од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и повикување на одговорност и оставка на лицето за односи со јавност при МВР, Иво Котевски“, рече Кирил Ефремовски, еден од поднесувачите на претставката.
Тие најавија дека протестите продолжуваат, а за овој петок во 12 часот, најавуваат голем масовен протест на кој очекуваат присуство и на луѓе од градовите во внатрешноста.
извор: „Макфакс“