Демократскиот сојуз ги повикува политичките партии на дијалог и отворање на темелна расправа во Парламентот, се со цел да се разреши политичката криза и да се намалат негативните влијанија врз евроинтегративните процеси, стабилноста, економскиот развој и демократските процеси во целина.
Демократскиот сојуз смета дека Собранието на Република Македонија треба да расправа за кршењето на основните човекови права, нарушувањето на приватноста, како и за колапсот на безбедносните системи.
„Демократскиот сојуз го повикува Јавниот обвинител, согласно член 271 од Законот за кривична постапка, до Собранието на Република Македонија, да достави извештај за посебните истражни мерки преземени во претходната година, при што во извештајот треба да бидат содржани: број на постапки во кои се наредени посебни истражни мерки, за кои кривични дела, дали постапката е поврзана со гонење на организиран криминал, потоа за бројот на набљудувани објекти и лица, резултатите од посебните истражни мерки и др.Јавниот обвинител посебно треба да го информира Собранието и во колку случаи е користен заштитен сведок, колку од судските одлуки се засновани на сведочење на заштитен сведок, во колку случаи врз информациите од посебните истражни мерки (прислушкување) се засновале судски одлуки и сл.“ – стои во соопштението.
Демократскиот сојуз бара од Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебните истражни мерки, да подготват извештаи и да ги достават до Собранието.
Врз основа на овие извештаи, како и информации од другите надлежни државни институции, политички партии, пишувањата во медиумите и сл., може да се отвори содржајна расправа и Собранието да донесе заклучоци за надминување на политичката криза, која и натаму се продлабочува, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
OhridNdews