Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 март, потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.

Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78 отсто од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80 проценти биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите, подвлекува Демири во пишаната изјава.

Како што додава, минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи, е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.

Важно е да се истакне дека Лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој комората може да прибира податоци е доколку лекарите по пријавувањето во полиција за инцидентот ја информираат и комората, се истакнува во соопштението.

Се апелира да се пријави насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора – www.lkm.org.mk.

OhridNews