Македонија 12-ти се вклучи во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Меѓу 8.000 града во преку 180 држави ширум светот кои вечерва потонаа во мрак е и Охрид. Светлата беа изгаснати на Самуиловата тврдина, кејот „Македонија“ и црквите „Света Софија“, Плаошник,  Канео…

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета, соопшти македонското Здружение за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја“.

И оваа година акцијата се одбележува виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во земјава под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“

OhridNews
Фото: А. Момироска