Охрид е првата општина во Македонија што оствари контакти со градската власт во Витлси-најголемата општина во Австралија, сместена на подрачјето на Мелбурн. Делегацијата од Охрид што посетата на Австралија ја заокружува во Мелбурн, се сретна со градоначалничката на Витлси Мери Лелиос и советникот Стеван Козмески, Македонец од Битолско, кој 13 години е член на советот во оваа општина со 150 илјади жители, меѓу кои регистрирани се 11 илјади Македонци, но неофицијално оваа бројка е многу поголема.


Градоначалничката Лелиос, која има Македонско потекло, изрази задоволство од посетата на претставниците на Охрид, како почеток на идната соработка меѓу Витлси и нашиот град, посебно во областа на туризмот, инфраструктурата и градежништвото. Впечатлива беше заинтересираноста на Лелиос за Охрид и Македонија, за потенцијалот на нашиот туристички центар, што и беше познат, но за поблиско запознавање таа ја прифати поканата да го посети Охрид наскоро. При презентацијата на Охрид, претставниците на општината ги посочија хотелиерството, угостителскиот сектор, туризмот и градежништвото како најатрактивни области за вложување во Охрид. Витлси е една од најголемите и најубави општини на јужната хемисфера, со мултиетничко население, добро средена, што опстојува од  приходите добиени од даноците што за имотот ги плаќаат жителите.


Првиот ден по пристигнувањето во Мелбурн, делегацијата на општина Охрид посети два Македонски манастири, опожарениот манастир Свети Климент Охридски во областа Кинглејк и манастирот во изградба Свети Прохор Пчински во Донибрук. Свети Климент Охридски е манастир изграден пред околу четири децении во познатиот национален парк Кинглејк во Викторија, во Мелбурн,кој се простира на имот од 120 илјади метри квадратни. Изграден со ентузијазмот на Македонски иселеници како многу значаен манастир надвор од Македонија, Свети Климент Охридски со својата убава околина бил место каде за празниците се собирале и по 25 илјади луѓе. По опожарувањето во големите лански пожари во Мелбурн, во кој манастирот целосно изгоре, сега тој ќе се обновува од корен. Претседателот на црковниот одбор на православната општина за Мелбурн и Викторија Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица, Сем Ристески, видно вознемирен од  големата трагедија што лани го снајде манастирот Свети Климент Охридски,  искажа револт што Македонската православна црква ниту еднаш не им испратила порака со жалење или поддршка по немилиот настан.


Претставниците на Охрид беа и во новиот манастир Свети Прохор Пчински, што се гради во областа Донибрук. Манастирот во кој има монаси од Македонија, треба да биде завршен за околу една година. Во Мелбурн има најголем број Македонски цркви во Австралија, каде неофицијално живеат околу 400 илјади Македонци, од кои 100 илајди се во Мелбурн.


Во рамките на  посетата на Мелбурн, каде домаќин е Охридското социјално друштво Свети Наум Охридски,  делегацијата на Охрид ќе учествува на средбата што ја организира Комитетот за човекови права на Мелбурн. Таму е најавено учество на Македонци од здружението Виножито и на познатиот Македонист и славист Виктор Фридман од САД.  Дали на овој значаен собир за Македонија и Македонскиот народ ќе дојде амбасадорот на Македонија во Австралија Перо Стојановски е неизвесно.

                            Нина Кепеска