Да нема промена на името, Македонскиот идентитет, јазикот и културата е пораката што ја испратија Македонците од 26-та средба, што се одржа синоќа во организација на Австралиско-Македонскиот комитет за човекови права во Мелбурн.


На средбата, на која гости беа претставниците на општина Охрид што се во посета на Австралија, присуствуваа познатиот Македонист и славист од САД,Виктор Фридман и Димитри Јованов, активист на Македонското здружение во Грција Виножито. Фридман професорот по лингвистика на универзитетот во Чикаго, кој четири децении го афирмира Македонскиот јазик и култура во светот, ги плени присутните со искуствата од неговата борба за Македонската кауза за што тој често е  изложен на непријатности од страна на Грците, и  со неговата игра на Македонската музика и песна.


-Никој не може да ми каже дека сум напишал докторска дисертација за јазик кој не постои . Македонскиот јазик постои и тој е многу богат со историја, дијалекти и други вредности, што го потврдува неговото постоење, поради што сите треба да се гордееме со Македонскиот јазик и Мајчиниот дијалект. Македонија е најбогата со јазици на повеќе етнички заедници на Балканот, а Македонскиот јазик што е многу богат го има најсложениот и најинтересен глагол во сите словенски јазици.-порача познатиот славист и Македонист Фридман од синоќешниот собир на Македонците од сите делови на Македонија во Мелбурн, кој истакна дека за жал нема никаков прогрес од Грчка страна во решавањето на спорот за  името.



33 годишниот Македонец од Леринско, Грција Димитри-Мичо Јованов, од претседателството на Виножито истакна дека има напредок во организирањето на Македонците во Грција, во што во поново време се повеќе се вклучуваат младите генерации.

– Отворена е втората канцеларија на Виножито во Воден, каде има повеќе од 60 членови Македонци помлади од 25 години кои работат на Македонските прашања. Во Солун работи првото училиште каде се учи Македонскиот јазик во научно – фолклорната група Солунчани, на први мај ќе излезат првите 20 илјади примероци од новиот весник на Македонски јазик, а се формира и фондацијата Крсте Петков Мисирков. Ова се многу критични времиња за Македонија и Македонците и затоа мора сите заедно да се бориме за да се надомести пропуштеното низ годините наназад.- порача младиот харизматичен Македонец од Леринско Јованов.

Организаторите и активисти од Австралиско-Македонскиот комитет за човекови права во  Мелбурн ја поздравија делегацијата од Охрид, што го промовира Охрид во Австралија. На традиционалната средба на Македонците од овој дел на дијаспората беше и амбасадорот на Македонија во Австралија Перо Стојановски, но охридската делегација  немаше можност да го праша зошто ја бојкотира нејзината посета на Австралија. Претставниците на општина Охрид синоќа се сретнаа со Македонскиот  конзул во Мелбурн, Саво Сибиновски, кој во козулатот ќе ги прими во понеделник. Денес Охрид ќе има презентација во Мелбурн во организација на Охридското социјално друштво Свети Наум Охридски.
                               
Нина Кепеска