Во рамки на чествувањето на Свети Климент Охридски-Патронот на Охрид на американско тло, делегацијата на Охрид предводена од градоначалникот Александар Петрески,  која од 1-ви декември се наоѓа во посета на САД, во Њујорк присуствуваше на  осветувањето на црквата која го носи името на светецот и заштитникот на Охрид. На свечениот чин на осветувањето на црквата „Свети Климент Охридски“ во Њујорк со кое чиноначалствуваше Митрополитот Методиј, присуствуваа и македонскиот Амбасадор и почесниот конзул на Македонија во САД Зоран Јолески како и голем број македонци кои живеат во Њујорк и околината.


Таблата на новоосветената црква во Њујорк

На свеченоста присутвуваа и светски познатиот оперски пеач и Амбасадор на УНИЦЕФ Борис Трајанов и етно музичарот Драган Даутоски. Тие двајца  како претставници на Охрид и Македонија настапија  на гала-концертот во организација на УНИЦЕФ што синоќа по американско време се одржа во познатата концертна сала „Мелоди Амонд“. На овој своевиден спектакл настапуваат врвни уметници „амбасадори на културата“. Градоначалникот Петрески и Амбасадорот во УНЕСКО, Јордан Плевнеш, биле удостоени од организаторите на Концертот како претставници на градот Охрид кој е под заштита на светската организација за култура, наука и уметност.

Овие чествувања се само дел од предвидените манифестации во кои учествува делегацијата на Охрид по повод одбележувањето на Денот на Свети Климент во Њујорк кое има за цел да го претстави Охрид на тамошната јавност како духовен и културен центар во овој дел на Европа. Во таа насока е и изложбата на уметнички фотографии од Зоран Велјаноски ЛЕТРА која ќе биде отворена на 5. овој месец на Менхетн.

OHRIDNEWS