Делегација на Охрид предводена од градоначалникот Александар Петрески, во чиј состав се и претседателот на советот, Душко Јаковчески и членот на Советот на општината, Борис Стефаноски, во Пиркоп, Република Бугарија, пратпалднево се прости од трагично настраданите бугарски туристи  во бродската несреќа што се случи на 5. Септември во Охридското Езеро.

Присуството на делегацијата на Охрид на заедничкото опело што се одржа за трагично настраданите  како гест на споделување на тагата со семејствата на загинатите. Претходно, Советот на општината во понеделникот одржа вонредна (комеморативна) седница на која присуствуваше конзулот на Р. Бугарија во Македонија, Наум  Кајчев.

На заедничкото опело за трагично настраданитае во бродската несреќа, присуствуваше и државна делегација на Македонија предводена од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

– Моето присуство беше израз на најдлабоко сочуство и тага од името на македонската Влада и на македонските граѓани за трагичниот настан што се случи во Охрид. Сочуствуваме длабоко со семејствата на загинатите, но и со соседна Бугарија. Оваа трагедија ги погоди сите бидејќи се загубени невини човечки животи, изјави Милошоски.
 
Шефот на македонската дипломатија Милошоски на аеродромот во Софија беше пречекан од бугарската министерка за надворешни работи Желева со која заедно заминаа во Пирдоп. Во разговорите со својата бугарска колешка, Милошоски изразил очекување дека  разрешницата на целиот настан да земе поинтензивен тек откако ќе бидат согледани сите доказни материјали вклучително и оние што ќе произлезат по вадењето на потонатиот брод од водите на Охридското езеро.
 
Милошоски и Желева заемно изразиле задоволство од брзата реакција на македонските и на бугарските институции, а најмногу благодарност за локалното население и за луѓето од Охрид и туристите кои во најкритичниот момент ги ризикуваа своите животи да ги спасат бугарските туристи.
 
– Овој акт на хуманост сметам дека треба највисоко да се цени и да служи за пример како навистина се пристапува кога човек има потреба од помош. Овој трагичен момент нека биде последен. Ваквите случувања нека бидат дополнителен поттик за поголемо разбирање, блискост заедништво, пријателство и замено помагање секогаш кога на некого му е потребно, подвлече Милошоски.
 
Ohridnews