На НАТО самитот што на 28 и 29 јуни ќе се одржи во Охрид учество ќе земат 49 делегации од земјите – членки на ЕАПС (Евро-атлантски Совет за соработка), од кои околу 20 се на ниво на министри за надворешни работи, за одбрана и за економија.
Главна тема за дискусија на форумиот е „Промовирање на мирот и стабилноста:Сегашни предизвици и решенија“, која ќе се одвива во три панели на теми „Авганистан: Надминување на конфликтот“, „Косово и иднината на Балканот“ и „Енергетската безбедност:Стратегиски односи и сигурно снабдување“.
Според најавата, в четврток ќе заседава и партнерската комисија на Јадранската повелба, на ниво на министрите на Македонија, Албанија и Хрватска. На агендата на состанокот во Охрид е Самитот на НАТО 2008 во Букурешт „Патот до Самитот“ и Југоисточна Европа „Предизвици и натамошната евроатлантска интеграција“.
Од безбедносниот форум, како што најавија од Министерството за надворешни работи, нема да произлезе документ, но заклучоците од дискусиите ќе бидат предмет на натамошни дискусии на формалните состаноци на работните тела на Евроатлантскиот партнерски совет во седиштето на НАТО, во Брисел.
Македонската делегација на форумот ќе ја претставуваат министрите за надворешни работи Антонио Милошоски, за одбрана Лазар Еленовски, за економија Вера Рафајловска, амбасадорот во НАТО Нано Ружин и националниот координатор Никола Димитров. Како парламентарни претставници во делегацијата ќе учествуваат потпретседателот Бесим Догани, како и претседателите на собраниските комисии за одбрана и за надворешна политика, Владимир Ѓорчев и Флора Кадриу и началникот на Генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски.
Претседателот Бранко Црвенковски се очекува в петок во Охрид да се сретне со генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер.