20 компании од државава, меѓу нив и од Охрид, беа дел од делегациско патување во Баварија на тема развој на туризмот во Северна Македонија и имаа можност да посетат 20 баварски компании и хотелиери кои играат водечка улога во туристичкиот сектор во Баварија. Истите можеа да разменат искуства и да стекнат нови знаења за одржливиот туризам, спортскиот туризам, туризам кој се фокусира на запознавање на нови култури.

Многу сме задоволни што отворивме сосема нова перспектива со ова Делегациско патување. Досега Германија ја гледаше Северна Македонија како важен трговски партнер и ја сметаше земјата за добра локација за преместување на индустриското производство. Сега ја претставивме Северна Македонија како туристичка локација пред повеќе од 30 компании и здруженија во Баварија. Ваквите проекти се од голема важност за Северна Македонија со цел да стане видлива во други сектори во Германија, вели Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од германските стопански комори.

Во рамки на патувањето, велат од АХК Северна Македонија, беше организиран и саем на кој се претставија 30 германски компании од туристичката индустрија.

Германските компании по остварените Б2Б средби оценија дека има голем потенцијал за соработка со македонските туристички оператори, потенцираат од АХК Северна Македонија.

Делегациското патување беше организирано од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, под покровителство на Баерн Интернационал, а истото беше финансирано од Министерството за економија, регионален развој и енергетика на Баварија.

OhridNews