Како дел од државните свечени настани и одбележувања по повод 150 годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и заменичката-министерка за надворешни работи, Фатмире Исаки, во име на Владата на Република Северна Македонија, денеска положија венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас” во Скопје.
На овој настан во чест на јубилејната 150 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев принесе и делегација на Владата на Република Бугарија предводена од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, придружувана од заменичката-министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, заменик-министерот за култура, Јуриј Велковски и амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Ангел Ангелов.
Венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положи и Илхан Ќучук, европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент.
Владата на Северна Македонија го поздрави учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев, најзначајниот лик од историјата на нашата земја, во знак на поддршка на дијалогот и напорите на двете земји за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата, се вели во соопштението од Владата.
Гоце Делчев беше визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го носат неговиот печат. Тој својот живот го подари на највисоката кауза за национална и социјална слобода и со право за македонскиот народ претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност. Благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на изложбата поставена од Државниот архив по повод 150 години од раѓањето на Делчев, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност.
Нашата главна битка денес е да направиме сè во рамките на нашите можности како држава, како поединци, како луѓе пред сè и да се натпреваруваме само во културните во цивилизациски битки и во натпреварот на идеи. Да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век кога за првпат беа родени, рече Пендаровски на отворањето на изложбата.
OhridNews