По повод одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на државата, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски утрово положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“.

Владината делегација која им оддаде почит на претседателите што оставија неизбришлив печат во градењето на нашата државност, беше предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во нејзин состав беа, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за здравство Беким Сали, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, информираат од прес-службата на Владата.

Покрај владината делегација, цвеќе положија и делегации на Кабинетите на претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието, потоа на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.

OhridNews