На 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што се одржува во Охрид, вечерва беше промовирана монографската публикација „Книга за Чинго“, подготвена од професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а објавена од Општина Охрид.
Во книгата застапени се повеќе домашни и странски автори, меѓу кои: Димитар Митрев, Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Слободан Мицковиќ, Луан Старова, Јадранка Владова, Кшиштоф Вроцлавски, Олга Панкона, Маќеј Кафка и други.
Двајцата мајстори на убавиот збор Пандев и Ѓорго – Димоски успеале да го доловат прозниот израз на Чинго кој е своевиден спој на поетското и хумористичното, на фантастичното и стварното, на конкретното и алегоричното, на поетскиот одблесок и суровиот факт. Единствен во својата оригиналност со прозен говор кој има исклучително врвен дострел Чинго многу ги обврзал прозаистите после него, а уште повеќе оние коишто се одлучиле да творат за неговото дело затоа што и самиот тој сметал дека: – Засекогаш ќе остане сиромав оној писател што ќе замиже пред сегашноста, но најголема казна ќе падне врз лицето на најталентираните автори ако рамнодушно се однесат кон своето време. – истакна на промоцијата градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, додавајќи дека прозната уметност на Чинго го постави високо на пиедесталот како великан на македонската уметничка проза со грандиозна хуманистичка и етичка вертикала својствена на големците на светската литература.
Живко Чинго е еден од најголемите македонски писатели, раскажувач, романописец и драматург. Книгата за Чинго излезе од печат минатата година по повод 85 години од раѓањето на Живко Чинго, но со оглед на околностите и пандемијата истата се промовира годинава во рамки на 54. Летна школа за македонски јазик литература и култура.
Професорите Славе Ѓорго Димовски и Димитар Пандев собрале исклучителено голем материјал кадешто ликот и делото на Живко Чинго се осветлуваат од различни аспекти. И честитам и на општина Охрид која поддржува вакви изданија, бидејќи делото на Чинго неразделно е врзано за Охрид и Охридско. „Книга за Чинго“ е капитално дело во коешто на 357 страници се поместени бројни прилози на еминентни имиња, научни трудови, есеи, записи, спомени, критики, статии, осврти, писма, анегдоти и други жанрови низ кои се претставуваат вредностите на делата на Живко Чинго, еден од бардовите на современата македонска книжевност. Идејата на приредувачите на книгата е да обезбеди материјал за сите идни истражувачи и проучувачи на делото на овој македонски писател. – истакна проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, промоторка на книгата.
Покрај бројните толкувања, есеи, согледби и огледи од повеќе автори го расветлуваат комплексното Чингово дело, во книгата се застапени и текстови за кои самиот Чинго е инспирација. Збогатена е со поглавја во кои се објавени текстови од македонски писатели, коишто потврдуваат дека Чинго, во изминатите децении бил инспирација за многумина: „Чинго во песни“ (Анте Поповски, Јован Котески, Ристо Лазаров …), „Чинго во раскази“ (Васе Манчев, Крсте Чачански, Коста Фортомар …), „Чинго во анегдоти“ (Трајан Мартиновски), „Чинго во спомените на писателите“ (Петар Т. Бошковски, Луан Старова, Волф Ошлис, Кшиштоф Вроцлавски, Влада Урошевиќ, Ристо Лазаров и други).
Охрид со ова дело ги чува спомените на уште една значајна личност од неговата историја. Во оваа книга е направен избор од текстови на автори кои стручно се осврнуваат на Чинго. До дел од нив тешко се стигнуваше, влегувавме во депоа, користевме весници од кои е останат само еден број. Имаме собрано над 1000 страници за Чинго, кои ги имаме во електронска верзија, која се надевам кога ќе биде готова ќе биде достапна за јавноста. – истакна коавторот на книгата Димитар Пандев.
Живко Чинго е еден од моите најомилени писатели, кој негува волшебен литературен јазик на едно високо ниво, посочи професорот Славе Ѓорго Димоски.
Таа негова магија те заведува. Затоа Чинго е убав за читање, толку е близок до срцето, а толку е општ. Собравме многу материјал, но презентираме селектиран избор кој, се надевам, ќе биде основа за некои идни истражувања. – рече Ѓорго Димоски.
Живко Чинго е роден на 13 август 1935 година во Велгошти, охридско, а почина на 11 август 1987 година. Автор е на извонредните прозни дела, збирките раскази Пасквелија и Нова Пасквелија, романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година го објавува и својот втор роман Големата вода, по која е снимен и истоимениот филм.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска