Викендов во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена првата самостојна изложба на младиот охридски ликовен уметник Богоја Мојсоски.

25-те дела под наслов „Контемплативни бранувања кон морфолошките и структуралните претстави“, не ги остави рамнодушни љубителите на уметноста, кои имаа можност да запознаат мал дел од богатото ликовно творештво на уметникот.

Изложбата ја спремав повеќе од година дена. Половина од делата се работени во техника масло на платно, додека другата половина масло на дрво. Инспирацијата ја црпам најмногу од историјата на уметноста, но и од уметниците кои пред нас твореле и создале ремек дела кои и денеска не се надминати. Омилени теми за работа ми се актови и секако портрети.“ – вели охриѓанецот Богоја Мојсоски.

Нашиот сограѓанин, чие образование од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ продолжува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на смерот графика, објаснува дека самото влегување во ателјето бара мотив и инспирација.

Без неа не се може.  Мораш да имаш провокација за да седниш и работиш. Следува припремата, за од потполно бела површина  да создадеш нешто што подоцна ќе биде дел на критика, без разлика дали позитивна или негативна. Секое дело е индивидуално за себе, па затоа и времето за творење е прилично релативно. Може да се направи слика за неколку часа, но и за неколку седмици. Се зависи од тематиката, тежината и ред други фактори.“ – објаснува Мојсоски.

Младиот охридски ликовен уметник, во изминатиот период беше дел од реализацијата на сликарскиот дел во Македонскиот народен театар во Скопје.

Соработувам со голем број уметници од земјава. Во постојан контакт сум со проф. Мирко Вуисиќ и Зоран Јакимоски од Факултетот за ликовна уметност, како и со моите колеги сликари постари од мене неколку години. Тука е и соработката со Константин Качев, со кого имав чест да работам и сликам во Македонскиот народен театар.“ – потенцира охридскиот ликовен уметник.

Според него, иако голем од ликовните творци во земјава се насочени кон модерната уметност, сепак многумина се навраќаат на класиката.

Можете да правите концептуална уметност каква ќе посакате, но кога тогаш ќе се навратите на класиката. Кога сме кај уметноста на ниво на Македонија, истата е доста развиена. За разлика од Скопје, кој според мене има мала предност и нуди повеќе можности, со сите сили ќе се  потрудиме да го кренеме нивото на уметноста во Охрид.“ – вели Мојсоски.

Тој истакнува дека Охрид го очекува светла иднина на полето на уметноста, со оглед на тоа што младите генерации чие време допрва претстои, поседуваат талент и креативност.

Мојот работен ангажман е во ОУ „Кочо Рацин“. Имаме таленти со кои треба да се работи. Се надевам дека ќе излезат и подобри генерации од мене. Ќе ја споменам ученичката Теона Никовска, која има добиено повеќе награди и се надевам дека ќе го следи патот кон уметноста. Имам една порака до младите, а тоа е да бидат одговорни на позивот на професијата која ја избрале да ја работа, бидејќи само тоа е патот кон успехот.“ – истакнува Мојсоски.

За крај, младиот охридски уметник најавува изложба во главниот град во земјава.

Оваа изложба е добар вовед за нешто наредно. Критиката сама по себе, позитивна или негативна, претставува стимулт за да продолжиш со твориш. Најтешко е кога немате никаква критика, бидејќи тогаш едноставно не ве забележале.“ – завршува Мојсоски.

O.T.