Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро, кој поради бројни проблеми со повреди на колената принудно паузира последните две години, изрази надеж дека во 2022 година ќе може да му се врати на професионалниот тенис.
Исклучително талентиран, но склон на чести повреди, Дел Потро мораше да биде подложен на три операции на колената, од кои последната во март годинава, откако се повреди на турнирот во Шангај есента 2018 година.
Последен пат на тениските терени 32 – годишниот Аргентинец се појави во јуни 2019 година против Канаѓанецот Денис Шаповалов во Лондон.
Ги сакам предизвиците без разлика дали се тениски или некои други во животот, а ова е најтешкиот натпревар во мојот живот, бидејќи се обидувам да се справам со болката, која ми ја предизвикува повредата, изјави Дел Потро, кој допатува во Њујорк на годинешниот УС Опен и мина време на теренот со легендарниот Џон Мекинро.
Својот најголем успех во кариерата аргентинскиот тенисер го постигна во 2009 година кога го освои УС Опен, а во 2018 година по втор пат играше финале на грен-слем турнирот во Њујорк во кое беше поразен од Србинот Новак Ѓоковиќ.
OhridNews