Владата на денешната 29-та седница донесе ослука за измена на проширувањето на забраната за движење за време на викенд, сабота и недела, од 16:00 часот до 05:00 часот, во насока на појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.

Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде.За ова, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соодветно да го информира земјоделскиот сектор. – се вели во одлуката.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште.

Согласно оваа Уредба, роковите кои се определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати постапки со прибирање на понуди кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба. По истекот на траењето на вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп. – соопшти Владата.

На денешната 29-та седница Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за укинување на увозната давачка – царинската стапка за потрошен медицински материјал, и за лекот „хлорокин“ (chloroquine). Овој лек во комбинација со азитромицин (Сумамед), покажал релултати во лекувањето на одредена група луѓе заразени од вирусот Ковид 19.

OhridNews