Додека едни ги преземаат сите потребни мерки за заштита од Ковид 19 и максимално ги почитуваат протоколите, други „не шишаат никого“. Дел од угостителските објекти во земјава надвор од сите протоколи и дозволи организираат забави во затворен и отворен простор со масовно присуство на гости. Деновиве актуелен е случајот со  клубот „Аватар“ во Струмица, кој, според инспекцијата, иако не смеел да работи како ноќеннклуб, организирал концерт на кој присуствувале стотици млади, без запазување на потребната дистанца и носење на заштита на лицето. Видеа и фотографии од забавите се објавени на социјалните мрежи. Од „Аватар“, пак, зво изјава за медиумите демантираат и велат оти работеле како кафе бар само на отворено и со запазување на мерките за здравственсбзаштита

Вакви случаи има и во другите градови, а исклучок не е ниту Охрид. Граѓани кои сакаа да останат анонимни велат дека протоколите во вечерните часови се кршат се повеќе во дел од угостителските објекти, а граѓаните воопшто не внимаваат на својата заштита и заштита на останатите луѓе.

Пазарниот инспекторат информира дека има проблем со дел од сопствениците на локалите кои не ги почитуваат мерките и прописите.

Газди им се закануваат на локалните инспектори поради што сме приморани да делуваме со инспектори од други градови. -изјавија од Пазарниот инспекторат за СДК.

Оттаму најавија дека од сега нема да толерираат прекршувања и веднаш ќе ги затвораат објектите кои не ги почитуваат законите и протоколите за  работа бидејќи граѓаните не покажуваат свест во актуелната ситуација.

Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за телевизија Сител истакна дека дополнителни рестрикции нема да има, освен во случај на преоптовареност на болниците, посочувајќи дека нашата земја е една од ретките која целиот овој изминат период има протоколи за функционирање на компании, бизниси, угостителски објекти, хотели, плажи, базени.

Единствена дополнителна мерка која може да дојде во предвид во даден момент, индикација за тоа дали да се воведе дополнителна мерка, а тоа е рестрикција во движење се окупираноста и пополнетоста на болничките капацитети. Ние во овој момент индикација за тоа немаме. Не може да живееме затворени и со рестрикција. Епидемијата ќе трае и после пронаоѓањето на вакцината додека не се вакцинира доволен процент на населението“, потенцираше Филипче.

Министерот Филипче додаде дека земјава испратила официјално писмо до Светската здравствена организација да влеземе во планот за распределба на вакцината тогаш кога ќе бидат на располагање.

OhridNews