Трската во потегот на месноста „Мазија“ на крајбрежјето на Охридското Езеро, кај Холандскиот парк веќе подолго време е соборена и создава грда слика на кајбрежјето која ги вознемирува љубителите на природа.

-Сметаме дека трската во овој дел од градот никогаш не била во толку лоша состојба. Трската стои вака соборена многу долго време и се сомневаме дека тоа може да предизвика пореметување врз еко системот. Исто така таа претставува и лоша слика за имиџот на самото Охридско Езеро кое е заштитено под УНЕСКО, па туристите кои го посетуваат Охрид може да добијат погрешен заклучок за еколошката состојба на самото езеро, коментираат охриѓани кои секојдневно се рекреираат на кејот и по патеката кон Горица.

Хидробиолозите велат дека причините за ваквата состојба на трската се временските неприлики кои го зафатија Охрид во текот на зимскиот период.

-Тежината на снегот и ветровите кои беа чести во текот на зимата соборија дел од трската на овој потег од езерото и голем дел од неа сега е полегната. Во овој потег на езерото има најдобри услови за развој на трската, па затоа нејзините стебла тука растат релативно високо. Во налетот на временските неприлики, високите стебла кои се суви, многу полесно се виткаат и се кршат како што е и во овој случај. Значи се работи за вообичаена појава, која е карактеристична за зимскиот период од годината, вели д-р Марина Талевска од Одделението за хидроботаника при Хидробиолошкиот институт од Охрид, која беше дел од Проектот за регистрација на појасот на трската на Охридското Езеро во 2012 година.

Таа објаснува дека надводните делови од трската во зима изумираат, а се обновуваат во текот на месеците април и мај, па затоа е потребно овој потег од езерото внимателно да се расчисти од растителниот и друг вид на отпад.

-Доколку надлежните за расчистување на езерскиот брег сакаат да го чистат овој потег треба да внимаваат да не го оштетат виталниот дел од трската како и потегот кој е природно живеалиште на Жолтиот ловањ, кое од пред неколку години е ревитализирано, потенцира Талевска.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ велат дека екипите на претпријатието кон крајот на месец март извршиле уредување на зелениот појас во потегот на „Мазија“.

-На овој потег се расчистуваше обраснатата ниска вегетација со цел зелената тревна површина да се прошири и полесно да се одржува, но активности за расчистување на отпадот од трската не се преземени, бидејќи за тоа треба да ни се издаде налог од надлежниот инспекторат при Локалната самоправа, вели Елена Скрческа, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.

Од Инспекторатот за животна средина при општина Охрид не информираа дека во текот на наредните денови најпрво ќе ја согледаат моменталната состојбата со трската на овој терен, а по консултација со стручните лица, ќе донесат одлука дали е потребно да се издаде налог за расчистување на кајбрежниот потег кај „Мазија“.

Е.М