Од Националната установа Завод и Музеј од Охрид информираа дека веќе имаат напревено детална и опсежна анализа на сите објекти кои би требало да бидат опфатени со овој проект, а конкретните предлози веќе биле доставени до Министерството за култура.
-Претежно се работи за објекти кои се лоцирани во стариот дел на градот и чаршија, но има и неколку кои се надвор од централното градско подрачје. Во моментов не може да се прецизира точната бројка на објекти во Охрид, чии фасади ќе бидат реконструирани и дека истата ќе биде позната откако Министертвото ќе донесе конечна одлука и ќе одобри средства за таа намена, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Охридскиот Завод и Музеј.
Таа објасни дека во рамки на овој проект планирано е да биде обновен само надворешниот изглед на објектите, нивните фасади, балкони и покриви.
Од Министертвото за култура на Република Македонија информираа дека на подрачјето на целата држава ќе бидат реконструирани фасадите на околу 250 значајни објекти од 19 и 20 век, на кои им е потребно враќање на автентичниот изглед. Според планираното најпрво ќе треба да одредат приоритетите и во наредните пет години, ќе се издвојуваат средства за санација.
– По изготвувањето, анализата ќе биде доставена до Владата на Република Македонија, со цел да се утврди план и динамика за понатамошна заштита, конзервација, реставрација и презентација на фасадите во другите градски јадра, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, за време на презентацијата на проектот која се одржа неодамна во Скопје.
Таа најави дека до крајот на оваа година ќе бидат конзервирани и реставрирани фасадите на пет објекти од старата градска архитектура на Крушево, Скопје, Прилеп, Битола и Кратово, а за нивната санација ќе бидат наменети 11 милиони 234 илјади денари.