Отстранувањето на дивоградбите не треба да се сфаќа како акција, туку процедура за санкционирање на бесправни градби, вели градоначалникот Константин Георгиески во врска со актуелната тема-рушењето на дивоградбите, што е и едно од барањата на УНЕСКО.
- Тоа е една процедура која во општината заостанувала години наназад, да се санкционираат такви девијантни појави на бесправна градба. Тоа е причината што има толку бесправни градби. Ако општината постапувала така, како што постапивме ние-на секоја активност на дива градба да се пристапи кон отстранување по основ на решение, ние ќе немавме проблем со бесправно изградени објекти. Од сега па натаму додека сум на оваа позиција ќе биде воведена пракса, секоја нова дива градба ќе заврши како таа куќа на Марко Нестороски, изјави Георгиески.
Што се однесува до другите бесправно изградено објекти кои се градени во минатото, градоначалникот потенцира дека секојдневно се постапува.
- Тоа не се само машините и она што се гледа на терен. За да дојдеме до работа на терен треба исцрпување на сите правни лекови. Имаме бројни предметио по жалби по судови, секојдневно доставуваме предмети за извршување, така што дел од тие сопственици на дивоградби кои добија известувања, дојдоа во општината и изразија волја сами да ги отстранат објектите. Истото се случува и со објектот на Марко Нестороски. Сопствениците на тој објект потпишаа согласност дека сами ќе ја отстранат дивоградбата за 20 дена, таа можност им ја дадовме. Ако не постапат, повторно ќе извршуваме, вели Георгиески.
Во однос на објектите на крајбрежјето, кои се со постар датум, градоначалникот објаснува дека во тек се постапки, при што дел од угостителите почнаа сами да ги отстрануваат платформите. Додава дека, завчера, сите добиле решенија за извршување.
- Им дадовме рок од три дена, ако не ги отстранат, ќе ги отстраниме ние. Што се однесува до поголемите објекти, дадени се налози за извршување и во следниот период ако не ги отстранат сами, ќе постапи локалната самоуправа. Платформите ќе се отстрануваат целосно, како на угостителските објекти така и на плажите. Известувањата за извршување ги има на нашата веб страна, вели Георгиески.
Информира дека треба да почене проценка за влијанието врз животната средина на сите тие објекти. Тие што се со правосилни заклучоци за отстранување, само тие може да се отстранат. Има објекти кои се со решенија за отстранување, а обжалени се на суд, од нив дел имаат барање за легализиација и тие не може да се извршуваат.
Потенцира дека битката со нелегално изградените објекти ќе трае подолго, но позитивно е што работите се помрднале од мртва точка.
На 30-ти септември треба до УНЕСКО во Париз да се достави првиот извештај околу чекорите преземени во врска со дивоградбите. Постојаната комуникација со УНЕСКО продолжува и градоначалникот верува дека на следната сесија во Кина, Охрид воопшто нема да биде ставен на дневен ред за да се разгледува неговиот статус.