Половина од општините лани на своите веб страници објавиле како и за што се трошеле јавните пари, а само 10 општини ја објавиле состојбата на нивниот долг.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за економски анализи. Во извештајот се посочува дека нивото на транспарентност на локалната власт се уште е далеку од задоволително.
Истражувањето покажало дека ниту една општина во земјава не подготвува и не објавува Граѓански буџет. Поголем дел од граѓаните се изјасниле дека општините ретко ги поднесуваат буџетските информации и информациите за јавните пари, што според нив се должи на недостиг на интерес на општините за обелоденување на овие информации или не постоење свесност за потребата од транспарентност.
Во извештајот се наведува дека ретки се општините што го објавуваат предлог-Буџетот за следната година, завршните сметки или воопшто не го објавуваат или се објавуваат нецелосно.
Само 20 градоначалници објавиле квартални извештаи, со што според Центарот, се ускратува можноста на граѓаните да го контролираат редовното извршување на буџетот.
Од Центарот за економски анализи порачуваат дека клучно за унапредување на буџетската транспарентност е општините да се обврзат целосно и навремено да ги објавуваат Предлог буџетот, Буџетот, Завршната сметка и кварталните извештаи за извршување на буџетот.
Истовремено укажуваат дека граѓаните и граѓанските здруженија треба да покажат поголем интерес за трошењето на народните пари.
OhridNews
Извор:„24Вести“