Поради неисполнување на обврските од договорот за краткорочен закуп, Министерството за транспорт и врски неодамна затвори три плажи во комплексите Горица, Бетон и Силекс.

Министерството за транспорт  најави дека ревизија ќе има и на другите плажи и дека тие кои нема да ги испонат условите нема да можат да работат.  Но од ова министерство не објаснуваат дали затворените плажи ги добиле потребните услови да отпочнат со работа. Како што дознаваме дел од затворените плажи воопшто не почнале со уредување затоа што не добиле вода и струја, обврска која според договорот за краткорочен закуп на плажите требаше да ја спроведе локалната самоуправа. Вода сеуште немаат добиено и дел од плажите кои ги испонуваат условите за работа затоа што како што соопшти неодамна „Проаква“, никој не побарал мислење од јавното претпијатие дали на соодветните локации предвидени за комерцијални плажи може или не да се донесе вода.


охридските плажи без потребните услови

Од локалната самоуправа потврдуваат дека дел од плажите меѓу кои и плажата кај Студенчишта која прва склучи договор за краткорочен закуп немаат добиено вода.

Градоначалникот Александар Петрески вели дека причина за доцнењето е тоа што Минситерството за транспорт сеуште не префрлило средства на сметката на локалната самоуправа за таа намена. Тој  објасни дека концесионерите веќе ги уплатиле потребните средства на државна сметка, а според договорот 80% од нив треба да леглнат на сметка на општината.

Петрески рече дека тој процес оди бавно поради што локалната самоиницијативно започнала со приклучување на водоводниот систем на оние плажи каде тоа било можно, додека за споменатата плажа рече дека тоа ќе биде направено во рок од три до четири дена.

Во врска со приклучувањето на плажите на електро мрежата, Петрески рече дека тој проблем ќе треба да го решава Минситерството за транспорт, затоа што како што тврди, ЕВН ја уценувало локалната самоуправа и нудело повисоки цени од пазарните за приклучок на плажите на системот.

И покрај што ги немаат ниту основните услови за работа, концесионерите треба да стравуваат дали воопшто ќе им биде дозволено да работат, затоа што засилен инспекциски надзор најави и Министерството за животна средина, кое ќе проверува дали матерјалот со кој се уредени плажите ја загрозува животната средина.

Инаку  вториот рок до кој требаше да бидат уредени плажите истече уште на 28 јуни .

Горан Момироски