Дел од хотелите на охридската ривиера вршат неточна евиденција на гостите, со што избегнуваат да го платат реалниот износ на туристичката такса тврди општинскиот инспекторат кој најави санкции за затајувачите, пренесува ohridnews.
Раководителот на Општинскиот инспекторат, Танас Танасоски, ги обвини членките на хотелската асоцијација, како и други хотели, дека нередовно и нецелосно вршат уплата на средствата од туристичката такса со што буџетите на државата и општината се оштетени за милионски суми.
„Извршената анализа на инспекциските служби за првите 6 месеци од годината покажува дека во просек хотелите во Охрид пријавувале искористеност на капацитетите од околу 6% и јасно е дека се изигруваат прописите и не се спроведува законот. Ние према тие хотелски објекти поднесовме прекршочни пријави бидејќи таа евиденција не е точна, а хотелиерите не се придржуваат ниту кон законската обврска според која туристичката такса треба да ја уплаќаат најдоцна до 15 секој месец“, вели Танасоски.
Има хотели кои пријавивале искористеност на капацитетите од само 1%, и не ми е јасно како можат да тие да опстанат со таква искористеност на капацитетите, прашува Танасоски.
Со ваквите констатации не се согласува престедателот на Хотелсаката асоцијација-ХОТАМ, Дончо Танески. Според него тоа се тешки обвинувања за што некој ќе треба да сноси одговорност. Танески вели дека хотелиерите коректно ја водат евиденцијата на гостите, а државата има инструменти тоа да го провери во секој момент. „Јас одговорно тврдам дека никој од хотелиерите не би си дозволил авантура да не ги евидентира гостите бидејќи сеуште на сила е стариот закон за престој, според кој обврзани сме да водиме точна евиденција на гостите и заради МВР кое во секој момент може да ги побара на увид книгите за гости“, вели Танески.
Според него проблемот е лоциран на погрешна адреса, зошто во Охрид има само 2-3000 хотелски кревети што е 10% од леглата со кои располага општината. „Според официјалните информации во Охрид во моментов има регистрирани и категоризирани 1000 станоиздавачи кои имаат по минимум четири кревети, што значи повеќе од хотелите, и ако од хотелите сме собрале 5 милиони денари тогаш и од останатите траба да собереме 5 милиони“, вели Танески.
Речиси 99% од собраните средства во буџетот по основ на туристичка такса во последните 17 години се од правните субјекти, вели Танески кој прашува каде се парите од туристичката такса што треба да ја уплаќаат приватните станоиздавачи. „Оваа година имаше моменти кога престојуваа и до 50.000 туристи, а беа евидентирани само 5- 7000“ вели Танески кој прашува зошто не биле евидентирани сите гости во приватниот сеектор.
Раководителот на Општинската инспекција Танасоски го прозва Танески дека токму тој во периодот кога го водел секторот за туризам во локалната самоуправа не наплатил ниту денар од приватните станоиздавачи. Танасоски тврди дека годинава наплатата на туристичката такса од приватниот сектор во спордба со минатата година е зголемена за 800 %. Тој информираше дека лани од приватниот сектор биле собрани само 80.000 денари, додека годинава биле собрани преку еден милион денари.
Сепак Танасоски признава дека евидентираните 1000 приватни станоиздавачи се само третина од реалниот број станоиздавачи во Охрид. Тој решението на проблемот со наплатата на туристичката такса го гледа во зголемување на ингеренциите на туристичката инспекција, со што според него ќе се стави крај на бројните малверзации.
Горан Момироски