Деканот на Правниот факултет “Јустинијан Први” Борче Давитковски поднесе оставка од функцијата. Тој за “Вест” потврди дека ја поднел оставката до ректорот на Универзитетот “Кирил и Методиј”, а за причините зошто се одлучил за тој чекор, рече дека ќе зборува во иднина.

Како што дознава весникот од извори од Ректоратот, причина за оставката на Давитковски биле континуираните притисоци од Министерството за образование, преку Просветниот инспекторат.

Превирањата на Правниот факултет започнаа по одлуката на Комисијата за верификација на фактите професорот Љубомир Фрчковски да биде лустриран, во октомври 2014 година. Претседателот на Лустрациската комисија Томе Аџиев тогаш побара од Давитковски да му даде отказ на професорот Љубомир Фрчковски поради тоа што беше лустриран како соработник на службите.

Давитковски тогаш изјави дека нема законска основа да постапи по барање на лустраторите и да му даде отказ на професорот Фрчковски, оти професорите се вршители на јавна услуга, а не носители на јавна функција која подлежи на Законот за лустрација. “Професор е професија, а не јавна функција”, изјави тогаш Давитковски.

Пред еден месец медиумите пишуваа за притисоци од Министерството за образование, преку испраќање просветна инспекција на Факултетот, поради наводни неправилности во изборот на повисоки звања на неколкумина професори на Факултетот. Инспекцијата се праќала, како што дознаваме, поради тоа што Научно-наставничкиот совет на Правниот факултет се противел на предлозите за избор на двајца асистенти, едниот сопруга на еден уредник во јавниот сервис МРТВ и вториот асистент на професор кој одел на трибините за одбрана на Македонија.

Борче Давитковски беше претседател на експертската комисија која беше формирана за да ги испита настаните пред и на 24 декември, кога опозицијата и новинарите од полицијата беа насилно исфрлени од Парламентот за време на носење на буџетот. ВМРО-ДПМНЕ не го призна извештајот и го спореди со вредност на тоалетна хартија. Давитковски поднесе оставка од претседател на Комисијата.

OhridNews

Извор:„Вест“