Пред точно десет години, во 2011, група активни спортисти ентузијастички го формираше Градскиот ракометен клуб „Охрид“, со што беше возобновена ракометната приказна во градот под Самуиловите тврдини.
Поп Стефанија, Пецак, Филипче, Бабак, Меци, Тасе… дузина локални ракометари, спортски работници и ракометни тренери, храбро влетаа во спортска авантура, која подоцна несебично беше помогната од општествено одговорни поединци, компании и градот Охрид. Публиката се врати на трибините во салата „Билјанини извори“, каде ритамот го диктираше навивачката група „Рибари“.
Во првиот официјален лигашки натпревар на 4 октомври 2011 година, ГРК Охрид ја совлада екипата на Младост во „Билјанини извори“ 28:23. Со тоа и официјално по тригодишна пауза ракометот се врати во Охрид. Фото: Архива OhridNews.
Секој меч на ГРК Охрид беше прзник за очи, без оглед на резултатот. Капацитетите и можностите беа ограничени, ама залагањето, пожртвуваноста, самопрегорот и жртвата искали спортски „гладијатори“, кои за кусо време станаа миленици на градот.
Коцките се склопуваа една по една и набрзо од Првата лига клубот се пресели во Супер лигата, најквалитетното по ранг натпреварување во нашата земја, а клубот направи и сефте во еврокуповите. Се формираше подмладок во сите категории, од чии редови изникнаа бројни таленти. Дел од нив го носат сино-белиот дрес во актуелниот состав на ГРК Охрид пред кој е новата сезона исполнета со големи очекувања и, се надеваме успеси.
Патот е трасиран, на темелите на некогашниот РК Охрид, кој од секогаш бил расадник на добри ракометари, ГРК Охрид ја продолжува децениската ракометна приказна во Охрид. Од реоформувањето ГРК Охрид има голема поддршка од Градот Охрид и од локалната бизнис заедница, која, впечаток е, може и треба да помогне многу повеќе. Клубот согласно законот е трансформиран во акционерско друштво и поставен е на здрави темели кои мора да се зацврстуваат и надградуваат.
Дел од основачите на ГРК Охрид во 2011 година, поранешни и сегашни играчи во клубот, помагатели, хроничари, спортски работници, „Рибарите“, денеска се собраа на неформална дружба пред салата „Билјанини извори“, каде евоцираа спомени за почетоците на поновата ракометна приказна во градот, која продолжува со нови предизвици во претстојната сезона.
Г.М.
Фото: А. Момироска