Според информациите од Центарот за социјална работа – Охрид, односно в.д. директорката Билјана Наумоска, околу 400 домаќинства од ромска националност, во Охрид, се корисници на некаков вид социјална помош. Освен сиромаштијата, Ромите ги притиска и необразованоста, најголем дел од децата воопшто не одат на школо, а со стапување на сила на законот за задолжително средно образование, ситуацијата ќе биде уште потешка.
„Активностите на центарот се интензивни и доста им се помага, посебно на жените Ромки, особено околу заштитата и грижата за децата, околу медицинските и гинеколошки контроли.
Имаме посебни случаи кога доделуваме еднократна парична помош за тешко болни или загрозени. Иако месечната помош е релативно мала (нпр. за двочлено семејство е 2.200 денари) сепак е редовна.
Но, менталитетот и слабата наобразба на голем број Роми ствара отпор кон интитуции од било кој вид. Многу ромски деца немаат ни основно образование, а за средно не станува збор. Не сме оптимисти дека во тој поглед нешто ќе се смени“ вели Наумоска.
Дали за десет години ќе се промени нешто?
Девет земји од Централна и Јужна Европа земаат учество во Декадата за вклучување на Ромите, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка. Сите држави имаат значителни ромски малцинства, со бројни социјални и економски проблеми.
Спаско Костоски