Денес и утре на плоштадот „ Чинар“, охриѓани и бројните гости кои престојуваат во градот ќе имаат можност да вкусат сирење од различни производители од охридскиот регион, од западна Македонија како и од регионот околу албанскиот град Корча. Посетителите ќе имаат можност да пробаат и од вината кои ќе бидат изложени на штандовите поставени на плоштадот, во рамки на фестивалот „ Вино и сирење“.
– Фестивалот „ Вино и сирење“ претставува убава можност за промоција на дел од туристичката понуда на градот и на специфичните производи со кои може да се пофалиме и кои често се наоѓаат на трпезите на охриѓани и гостите. И оваа годна првенство се дава на промоцијата на сирењето како специјалитет на охридскиот регион и поширокиот регион во Македонија, производ кој се бара на секоја трпеза во угостителските објекти и виното кое ќе биде претставено преку неколку винарии, потенцира раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов .
Презентацијата на производите ќе започне во 18 часот. Истовремено ќе се одржува и културно уметнички дел, кој и во текот на двата дена ќе трае од 17 до 21 часот, при што присутните ќе можат да го проследат настапот на културно уметничките друштва. Од 21 до полноќ ќе има забава со рок бендови од Охрид и Македонија.
Фестивалот се организира во соработка на општина Охрид со прекуграничниот регион Преспа, а е дел од програмата на АБДА која се спроведува преку Regional Rural Development Standing Working Group во Југоисточна Европа.
Т.К.