Со паролите „Пронајди го волонтерот во себе“, „Волонтерите се движечка сила на Црвен крст Охрид“, „Волонтерство – сила која креира и развива“, „Волонтерите се надеж за подобро утре“ и дефиле низ градските улици во Охрид беше одбележан 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството.

Со денешното дефиле укажуваме почит кон сите волонтери, кон сите оние коишто го вложиле својот труд, знаење, професионалност, стручност, желба и своето слободно време да помогнат на ранливите категории на луѓе, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид, во чија организација беше и денешниот настан.

Волонтерите, всушност, го прават тоа вистинското, најблагородното, тоа што е искрено, чисто и наменето за оние кои имаат потреба. Нашата организација ја чинат волонтери и тие се нашата движечка сила. Со ова дефиле сакаме и да искажеме почит кон сите волонтери и сакаме да апелираме, да го свртиме вниманието на јавноста, на општетството, на институциите, колку волонтирањето е важно. И сите институции да создадат безбедни услови, креативни содржини и можности за волонтерите да можат да се искажат во тие средини и да бидат од корист на заедницата, вели Точков.

Благородна работа е волонтерската и многу ме исполнува истата, без разлика дали станува збор за некоја завршена работа или остварен контакт и разговор, вели пензионерот Слободан Пупиноски, кој веќе осум години е волонтер во Црвен крст Охрид.

Најбитно е што сите што сме волонтери одиме пред се да помогнеме колку што сме во можност. Начините на помош се разновидни. Пред се работиме како тим и во корелација со помладите волонтери. Работиме со стари изнемоштени лица, им помагаме во многу работи, не само од материјална гледна точка, туку пред се контактираме со нив, разговараме, на одреден начин им укажуваме што се можеме да им помогнеме. Некои сакаат само да раговараат, а преку рразговорот ќе се најде начин како да им се помогне.Правило кај нас е д аима што повеќе волонтери за да има поголем ефект. Работиме со една ранлива категорија на граѓани на кои нашата помоѓ многу им значи, додава Пупиноски.

Седумнаесет годишната Сара Петкоска две години е волонтер во Црвен крст Охрид, а се вклучила преку настан за регрутирање млади волонтери од нашиот град.

Како волонтер бев вклучена во ПХВ програмата каде се помага на различни целни групи, социјлано загрозени семејства, еколошки проекти и други активности. Врснички едукатор сум и на темата за СПИ. Вклучена сум во сите други активности, врснички едукации, дружење со останатите, помагање… Младите дефинитивно треба да се вклучат во вакви активности, бидејќи првично тоа помага во надградба на самата личност, се запознаваат многу нови луѓе, вклучување подобро во општетсвото и понатамошно снаоѓање во истото. Мене многу ме исполнува и среќна сум што сум волонтер, вели Петкоска.

Јоне Станкоски од Секторот за спорт, млади и невладини организации при Општина Охрид вели дека волонтерството е многу важен сегмет во Секторот.

Тоа што го работиме во делот на поддршката на сите спортски манифестации кои ги има во Општина Охрид волонтерите се значаен сегмент. Од друга страна во делот на младите и невладини организации, како што знаете во Општина Охрид функционира Младинскиот Центар каде постои посебен клуб на волонтери каде младите секојдневно се собираат и имаат разни активности во делот на волонтеризмот и се значаен сегмент во функционирањето. Младите од 13-14 годишна возраст активно се вклучуваат во сите оние активности кои се и од невладиниот сектор, спортските клубови, но и во тоа што како Општина го организираме. Значи во секоја смисла волонтерите се една основна клетка во функционирањето на сите овие значајни манифестации кои се случуваат во Охрид, додава Станкоски.

Во поглед на возраста за да се биде волонтер Точков вели истата во Црвен крст Охрид е прилагодена на програмите.

Ако ги гледаме програмите во ОО Црвен крст Охрид, кај нас волонтерството започнува од три годишна возраст, преку „Полетарче“ па се до осумдесетина година преку програмата „Грижа за стари лица“. Секој може да биде волонтер, без оглед на возраста, верата, пол… Не се прави никаква дискриминација. Движечката сила е во волонтерите. Интерес за волонтеризам има, по повик, кога ги повикуваме и младите и старите. Кај нас имаме константна бројка преку 1000 волонтери во најразлични области на делување. Но, треба малку да се проактивни самите луѓе, наместо да го трошат времето за некорисни работи, навистина може да бидат корисни, додава Точков.

На дефилето покрај волонтерите на Црвен крст Охрид, беа присутни и волонтерите од Охрид трчаТ, како и младинските заедници од училиштата.

Н.С.Ј.

Фото. Б. Стојаноски