Пукање на сајлата на управувачкиот систем најверојатно е причина за потонувањето на бродот „Илинден“ смета Петар Василев, капетан на бродот „Александрија“ што прв пристигна во помош на патниците во саботната несреќа на Охридското Езеро, но и човек кој самиот бил зад кормилото на потонатиот брод.
 
Што точно се случи не можам со сигурност да кажам. Јас го возев тој брод три години и знам како се однесува во ситуации на нагли свртувања. По мене, причината за несреќата е откажување на кормилото односно системот за управување, рече Василев. Според него како што откажуваат сопирачки на автомобилите така може да откаже и сајлата на бродот, поради што тој ја загубил стабилноста и потонал.


Според Василев за превртувањето придонело и нерамномерното префрлување на товарот на едната страна на бродот. Во прилог на таквото тврдење Василев го посочува и фактот што патниците на „Илинден“ биле луѓе со поголема телесна тежина, односно бродот бил дополнително оптоварен.

Василев со видни повреди на рацете здобиени при спасување на преживеаните од потонатиот брод, рече дека несреќата се случила неверојатно брзо.

– Бродот пловеше пред нас и се беше во ред. Забележав дека изврши нагло свртување, но сметав дека тој го менува правецот кон Свети Наум, затоа што вообичаено пловиме блиску до брегот. Разговарав со некој во кабината и следниот пат кога погледнав во тој правец, бродот веќе го немаше. Тогаш ми стана јасно дека се случило најстрашното, истакна Василев.


Бродот „Александрија“ за три минути стигнал на местото на несреќата, на која затекнал ужасна слика.

– По пет луѓе се држеа за појас. Владееше паника и се слушаа пискотници. Среќа што посадата беше присебна, а помагаа и патниците на бродиот меѓу кои имаше и лекари. Набрзо пристигна и бродот Кристина и успеавме да спасиме голем број од патниците, раскажува Василев.

Несреќата на бродот „Илинден“ во која загинаа 15 бугарски туристи е една од најголемите трагедии што некогаш се случиле на Охридското Езеро.

Ohridnews