Дефект предизвика излевање на Колекторскиот систем во Охридското Езеро во близина на Пештани. Таму изминатиот викенд бројни беа рекреативните риболовци кои тука ловат риба.

Од јавното претпријатие „Колекторски системи“ го потврдија случајот, истакнувајќи дека интензивно се работи на отстранување на проблемот.

Се работи за прегорена електрична склопка кај Гранит, поради што дојде до нарушување во работата на колекторскиот систем. Екипи на јавното претпријатие работат на санирање на дефектот, а во меѓувреме инсталирана е потопна пумпа која ги собира фекалиите од системот. Очекуваме во текот на денот проблемот да биде целосно решен. – изјави за OhridNews директорот на ЈП „Колекторски системи“ Владимир Алексијоски.

Што се однесува до ревитализацијата на стариот и дотраен колекторски систем, Алексијоски информира дека таа продолжува според предвидениот план.

Во моментов се доработуваат шахтите во реонот на поранешен хотел Парк и пешачката зона, а се работи и на репарација на полжните пумпи. – истакна Алексијоски.

Директорот на ЈП „Колекторски системи“ изрази очекување дека санацијата на колекторскиот систем ќе заврши во предвидениот рок, односно пред стартот на летната сезона, што ќе придонесе за зголемување на заштитата на Охридското Езеро.

Г.М.